На наша огромна чест и задоволство тимот на ЦРОР беше дел од тренинг курсот ,,Fourth Pillar of Democracy'' кој се одржа во Хамар, на само час и половина од главниот град Осло. Наоблечени во сите наши најтопли алишта ја започнавме нашата нова авантура на 21ви март која траеше се до 29ти март.
Осум држави беа дел од овој тренинг курс и тоа: Норвешка, Германија, Унгарија, Португалија, Шпанија, Турција, Италија и се разбира Македонија. Македонскиот тим беше претставен од Борис Ристов, Пепица Честојнова, Марија Јаневска, Росица Кулакова и Берхан Фејзулов кои заземаа активно учество во сите работилници на тренинг курсот и го дадоа својот придонес како индивидуално, така и како тим.
Овој тренинг курс беше одлична можност да се запознаеме со начинот на функционирањето на медиумите во сите држави кои заземаа учество. Научивме многу и за пренесувањето на информации во секоја држава поединечно, ги воочивме разликите и ги споредувавме нашите искуства. Сите работилници беа интерактивни и беа одлична можност да се зближиме и да научиме многу од останатите учесници и од самите организатори на проектот.
Покрај активностите кои се одвиваа преку ден, така и ноќите ни беа полни со активности кои не зближија и не направија неразделни. Од палење на еден огромен камперски оган и потпечување на слатки маршмалоус на него, до караоке, играње нереално многу рунди на мафија и интеркултурна ноќ каде секоја земја учесник преку храна, пијалоци, видеа, песни и танци ја претстави својата култура и обичаи. Шлагот на се беа Аурора Бореалис светлата кои бевме бескрајно среќни што имавме прилика да ги видиме.
И така, побогати со уште едно искуство и со нови знаења Цроровци гордо се вратија во Македонија, спремни несебично да го споделат новостекнатото знаење и секогаш да ги одржуваат во живот спомените и новонастанатите пријателства.
No comments:
Post a Comment