Активистите на ЦРОР ги бие глас дека каде и да одат одлично се снаоѓаат. Младинската размена во Потсдам, Германија не беше исклучок. Насмеаните "јангстери" ја имаа таа прекрасна можност да бидат дел од размената чијашто главна тема беа проблемите со коишто секојдневно се соочуваме, ксенофобија и расизам. Учесници од шест земји (Македонија, Полска, Германија, Босна и Херцеговина, Србија и Естонија) ги споделуваа своите идеи, стравови, мислења и искуства.
Имаше можност да се видат различни гледишта на овие теми. Со сигурни чекори и спремни за нови авантури шест млади луѓе го започнаа своето патешествие до чудесната Германија.
Весели, радосни и можеби помалку уморни активистите на ЦРОР стигнаа во Потсдам кадешто беа пречекани од останатите учесници. Затоа што се ведри и комуникативни не го "арчеа" времето на одмор, туку се запознаваа со останатите. Позитивна енергија се ширеше наоколу, се играа игри и се кажуваа духовити приказни. Веќе од наредниот ден со полни батерии сите беа спремни активно да учествуваат во сесијата.
Се дебатираше многу во врска со ксенофобија и расизмот. Сите учесници зборуваа за некои лични искуства, на дебатирањето му немаше крај, можеби затоа што ова се многу чувствителни теми кои никако не смеат да бидат заобиколени. По долгите дебати следуваа интересни "енерџајзери" коишто го подигаа расположението кај сите.
Од поучните работилници се апсорбираше знаење. Покрај работилниците имаше простор за едукативна екскурзија низ Потсдам и регионот.
Учесниците беа запознаени со историските знаменитости и легендите што кружеа за нив. Бидејќи Потсдам е блиску до Берлин, младите и полни со елан учесници можеа да ги поминуваат вечерите во оваа светска метропола.
Стекнуваа искуство во секоја смисла на зборот, и стануваа се поблиски едни со други. Како и секогаш една вечер беше одвоена за претставувањето на секоја земја. Штандовите на Полска, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Естонија и Германија беа полни со разноврсни пијалоци и прехранбени производи.
Задоволни од сите презентации сите заедно почнаа да танцуваат и да уживаат во тој сплет од разноликости. Напоредно со планираните активности се спремаше и Флешмоб којшто беше прикажан последниот ден од размената.
Сите се залагаа и беа задоволни со задачите коишто им беа зададени. Просториите пленеа со позитивност и креативност. Без разлика дали декорираа новогодишни честитки, мислеа кореографија или пак подготвуваа "frozen images" насмевката од лицето не им бегаше. Во два дена младите сили од шест европски земји организираа успешен јавен настан во центарот на Потсдам. Таму ги чекаа весели лица и топли насмевки од минувачите, неизбежни беа и великодушните аплаузи. По беспрекорно направениот флешмоб сите се упатија кон хостелот и се подготвуваа за последната ноќ од тамошното дружење. Тоа беше една непроспиена вечер, полна со емоции. Наредното утро со истата тага и меланхонија сите го напуштија хостелот, се поздравија едни со други и разменија контакти. Се разбира дека тоа не нивното последно видување. :) Десет дена поминаа како на сон. Брзо, а исполнето. Во тоа е убавината на секој младинска размена. Секогаш можеш да запознаеш различни луѓе коишто може да ти дадат инспирација, кои би ти помогнале да се осознаеш и самиот процес на разменување те надоградува и претвара во млада личност со широки видици. Она што може да се искуси и научи на една младинска размена е неопишливо. Цроровци заминаа накај Македонија со многу спомени и пријателства кои никогаш нема да згаснат.
Побогати со знаење од секоја област и можност да го шират насекаде. Ах, животот е убав за оној кој знае како да го искористи секој ден, а ние во ЦРОР го правиме тоа максимално. Било каде ЦРОР секаде. :)
Пишува Марија Јаневска
Член во Клуб за пишување и публикации (Медиа АРТ) и Дебатен Клуб
No comments:
Post a Comment