Една малку поинаква недела_Младинска Размена, Франкфурт (Одер), Германија

                                         Една малку поинаква недела


                       Една успешна младинска размена не може да помине без членовите од ЦРОР. Уште еднаш докажавме дека сме отворени, активни млади луѓе коишто постојано сакаат да се надоградуваат. Овој пат младите активисти на ЦРОР беа дел од младинската размена во Франкфурт (Одер), Германија. Размената беше за подобрувањето на лидерските способности на секој од нас. Таа се одвиваше преку интересни работилници, сесии и презентации. Најдобриот дел од целата таа организација беше дружењето со ‘’јангстерите’’ од : Mакедонија, Англија, Полска, Босна и Херцеговина и се разбира земјата домаќин, Германија.



               Го започнавме нашето патување во доцните ноќни часеви накај Скопје, а потоа фативме авион  до Белград. Некои од нас за првпат ја почувствуваа моќта на керозинот, беше прилично возбудливо. Движејќи се со повеќе од 800 километри на час, се засмејувавме и разговаравме за интересните активности и денови поминати по катчето на ЦРОР. Со огромна доза на позитивност пристигнавме во Белград и видовме некои познати балкански артисти. Следуваше летот за Берлин. Уморни но мотивирани ги гледавме берлинските светла. Би биле изненадени од тоа колку брзо трчавме за да ги ’’фатиме’’ превнозите средства  до Франкфурт (Одер). Кога пристигнавме на самото место на настанот заборавивме на сиот замор. Природата која не опкружуваше ни давеше мир и спокој. Уште првата вечер се запознавме со претставниците од секоја земја.  Ги запознавме и нашите цимери со коишто почнавме да се согласуваме.



               Наредниот ден почнаа и нашите активности. Бевме поделени во групи, и во секоја група учесниците беа од различна земја. Тоа ни помогна подобро да се запознаеме и исто така ни помогна да веруваме во способностите на секој од нас. Набрзо започнаа и игрите, Беа доста интересни и бидејќи беа тимски игри, не научија на тоа дека човек сам ништо не може да направи, дека секогаш се потребни луѓе од доверба околу нас. Дел од работилниците беа посветени за нашите земји, за тоа што нас ни пречи како млади, на што сме горди, што би сакале да промениме итн. Тоа ни овозможи да запознаеме да ги запознаеме другите култури и нации. Како се зголемуваше бројот на работилниците, така растеше и нашата дружба. Слободното време исто така го поминувавме со тие прекрасни млади луѓе.



Размена нема да е размена ако ја нема интеркултурната вечер. Тоа е вечер во  којашто може да се почувствува магијата што ја нуди секоја земја, преку нејзината традиционална храна, пијалок, обичаи, песни. Интересно е тоа колку можеш да научиш за некои држави само во неколку часа.


Младите луѓе имаа и една заедничка задача, а тоа беше да се организира последната забава. Секој тим беше задолжен за нешто, и секој тим го имаше притисокот и амбицијата за тоа се да биде совршено. Забавата се организираше паралелно со другите активности. Во вечерните часови бевме да ја посетуваме плажата покрај едно кристално езерце, имавме и логорски оган, каде што си печевме благо тесто, гледавме и интересни филмови и игравме мафија. Беа тоа часови со смеа и чувство на чиста среќа. Деновите изминуваа, забавата се спремаше, само ние никако не можевме да помислиме на тоа како ќе се вратиме дома, како без овие луѓе да ни недостигаат. Бевме и во посета на Франкфурт (Одер). Овде ни беа дадени мапи со одбележани локации кои националните тимови треба да ги пронајдати да се сликаат пред истите. Македонскиот тим сериозно си го сфати овој предизвик. Затоа земавме голем залет го поминавме веднаш мостот што ги делеше Германија и Полска и ја започнавме нашата потрага. Иако имаше дожд тоа не не спречи, бевме истрајни и упорни, ја сакавме главната награда. Мотивирани и брзи од едниот до другиот крај на Слубице (Полска) и Франкфурт (Одер) - Германија успеавме да се сликаме пред секој споменик, институција, парк.


 Дојде и таа последна вечер, просторијата  каде што требаше да се случи оваа забава беше ништо помалку од диско сала. Со украси и диско топки, светла, озвучување и светски хитови. Се беше налик на совршенство. Тука беше објавен победникот на предизвикот. Тоа беше упорниот македонски тим, којшто несомнено уживаше во првата награда. Таа вечер Македонија, Англија, Германија, Полска и Босна и Херцеговина беа едно. Гушнати и распеани, разиграни и насмеани, како времето да застанало за таа дружина. Сите си напишавме писма. Додека ги пишувавме очите ни беа насолзени, зборовите ни доаѓаа од душата. Се збогувавме со сите и ги разменивме нашите контакти, ветивме дека ќе се видиме и дека нема да се заборавиме, тоа беа ветувања направени со цело срце.


Беше тоа недела помината со спомени, недела која не направи лидери, недела која го смени нашето гледиште на нештата, недела која ни покажа се што е потребно да поседуваме за да бидеме успешни лидери кои творат, покажуваат, споделуваат и не застануваат.



По истата маршута си го фативме патот накај дома. Гледавме низ авионските прозорчиња, во облаците, и се сеќававме на нашите пријателчиња. Стигнавме дома со спомени што никогаш не умираат. Со искуство во тимските игри и подготвени за лидерство.

Надоградени на секој начин, духовно исполнети. Оваа поинаква недела со сигурност нема да ја заборавиме. J




Пишува Марија Јаневска
Член во Клуб за пишување и публикации (Медиа АРТ) и Дебатен Клуб


No comments:

Post a Comment