Од страна на сличностите

Од страна на сличностите

И не е доволно само да погледнеш, туку повеќе пати да се завртиш и да разбереш. Се уште се чудам зошто толку му се восхитувам на едно растение, добивам инспирација од неговите листови, длабоки корени и од неговите разнобојни цветови? Но знам дека во него гледам поинаква слика, друг одраз. И дали можам да го поврзам со човечкото битие? Дали истото што го гледам во немо и глуво растение можам да го забележам кај мој пријател или пак кај некој друг? Можеби таа невиност во неговата зелена боја и истрајноста на неговите корени се причините заради кои успева да примами мој поглед, мое чудење. Интересно ми е кога споредувам, кога барам разлики и наоѓам сличности. Судирот на идеи, мисли и заклучоци е она што ме исполнува. Среќна сум што можам да најдам зборови да опишам едно обично растение, да изнесам дел од моите чувства, но дали истото можам да го направам и кога би зборувала за едно човечко битие? Толку сме исти, а толку различни. Толку многу скриени желби преливаат во едно човечко срце, толку омраза може да собере една негова одаја.. Да се чудиш и да не веруваш. Еден поглед, милион зборови.  Еден гест, илјада чувства,. Дали може да се верува во еден цврст стисок на дланка која во еден момент е спремна да те задржи, да те спаси, а во друг? Е во друг веќе има доволно сила и моќ да те оттурне, да те сруши и порази. И тогаш, во тој момент, на кого би се потпрел? Додека едно растение има корени кои силно го држат, му овзоможуваат да се вивне во височината, човекот треба, а не може, да се потпре на своите ставови, идеи и чувства. Зошто е тоа така? Зошто во едно човечко битие има собрано страв кој никако не може да излезе? И не можам да си објаснам зошто еден извик НЕ МОЖАМ е причина да пропаѓаш во се подлабоки бездни? Кога секој би седнал и би размислил, и би барал сличности со едно растение кое сега стои пред мене и е причина зошто почнав да пишувам на оваа тема, верувам дека би го видел она што го видов јас. Корените на едно растение, оние кои го држат се рацете на нашите родители, нивните рамења на кои би можеле да се потпреме. Неговите листови се нашите раце. Оние две алатки со кои можеме многу да направиме за нас и за другите околу нас, да дадеме помош и поддршка. Цветот на едно растение ги поседува речиси сите бои кои го прават нашиот ден весел, тажен или пак неповторлив. И полека но сигурно, дојдов до неговиот плод. Плод кој, кај едно растение е достигнување, а кај нас? Кај нас е нашиот живот, темел во кој лежат почетоците на нашата иднина. Ова го видов јас. Вака ги раширив моите хоризонти, вака допрев до мојата внатрешност, вака се преминав себе си. И уште еднаш си дадов до знаење дека се што е дел од овој свет е поврзано меѓу себе. Со исти конци се испреплетени сите сличности. Сличности кои некогаш навистина успеваат да те натераат длабоко да размислиш  и да се соочиш со многу нешта. Нешта кои го прават твојот живот вреден и секако, неповторлив.






Пишува Ристова Павлинка
Член на Клуб за Пишување и ПУБЛИКАЦИИ




No comments:

Post a Comment