Оноре де Балзак еднаш рекол: „Срцето на мајката е една длабока бездна на чие дно секогаш ќе најдете прошка.“

Таа е мојот ангел


Магична животна приказна испишана на највисоките делови од тој небесен свод. Рој ѕвездички сведочат за девет месеци кои имаат неочекуван почеток, но волшебен крај. Сигурно, кај сите нас, вака е пречекорен прагот на овој свет.

 Но, што ќе се случи, доколку немаме водилка, заштита и голема поддршка? Тогаш, не сме почувствувале ништо посебно. Сепак, мене Бог ме благословил со најголемиот подарок. Всушност како што таа вели, јас сум нивниот најголем подарок. А таа? Таа за мене претставува најблагородното суштество, прекрасна суета со ангелски лик. Нејзината топлина е проткаена во платното на нејзините прегратки, нејзината насмевка е всушност одраз на таа мила душа. Како да опишам едно идеално суштество? Кои зборови да ги искористам за конечно да го доловам она што го чувствувам кон таа личност која е најзаслужна за моето постоење? Слободно се шетам низ рајската градина од нејзиното срце, мирисам од цвеќињата на најчистата љубов. Се поклонувам на тој пријател кој секојдневно е со мене, во моите успеси и падови, спремен да ме поддржи во секој чекор, без уцени и лицемерие. А што бара за возврат? Хмм, бара да бидам среќна! Беше, е и ќе остане за мене херојот од приказните, принцезата од бајките и најважното, мајка од моите соништа. Едноставно ме занесува убавината на тие плави зрна. Зрна во кои се потопени најубавите спомени, малите школки во чии бисери се крие надежта и играта на љубовните бранови. Нејзината насмевка успева да го разведри целиот мој ден, да исправи многу нешта кои ме вознемируваат и лутат. Не можам да ја скортам желбата за тоа милување, таа светлина и топлина која зрачи од него. Оваа жена ми го даде најважното, ми го подари највредното. Утешните зборови се дел од нејзиниот изминат пат, нејзиното искуство и ја составуваат симфонијата на нејзината благородна душа. Гласот на нејзиното срце  ме буди при секоја грешка, ми посочува кон кој правец треба да се движам за да стигнам на вистинските места, на време и среќна. Мојата мајка е една искра која за миг знае да прерасне во оган кога е во прашање некоја неправда. Претставува огледало на мојот живот.Постојано се огледувам на нејзините постапки, совети и нејзината љубов.


Оноре де Балзак еднаш рекол: „Срцето на мајката е една длабока бездна на чие дно секогаш ќе најдете прошка.“ Секогаш ја наоѓаме нејзината прошка, без разлика колку сме ја повредиле и самата помисла дека сме направиле нешто што ја повредило, претставува казна за нас. А сепак, таа казна ја издржуваме повторно со нејзина подршка, помош и љубов. Не можам да ја искажам мојата љубов кон неа. Таа љубов преминува многу океани, мориња, патишта. Едноставно е поголема од најголемата љубов. ТЕ САКАМ мамо!

Пишува Ристова Павлинка
Член на Клуб за Пишување и ПУБЛИКАЦИИ

No comments:

Post a Comment